Дописници Општина Гостивар најави тужба за НДП

Општина Гостивар најави тужба за НДП

Политичките превирања меѓу опозициската НДП и локална власт во Гостивар предводена од ДУИ, по сè изгледа, ќе имаат судска завршница. По обвинувањата на советниците од Националната демократска преродба дека зонското паркирање во Гостивар е незаконско, Општината најави дека ќе покрене тужба за клевета.

Расправата околу организирањето на зонското паркирање, која почна на вчерашната на седница на Советот, продолжи преку соопштенија од двете страни.

Од НДП побараа зонското паркирање да се повлече оти функционирало нелегално повеќе од пет месеци.

Во образложението од опозициската партија се вели: „Единствениот орган што може да даде дозвола за јавно-приватно партнерство е само општинскиот Совет, но во овој Совет никогаш досега не е донесена одлука за јавно-приватно партнерство, а Општина Гостивар, заедно со ЈП „Комуналец“, склучила партнерство со приватна фирма на нелегален начин“.

„Клеветата не е метод кој треба да служи за правење дневна политика, особено кога сме во благословениот месец Рамазан“, вратија од Општината.

„НДП, поради незнаење или желба за клевета, преку бесмислената реакција сака да ја дезинформира јавноста. Не е вистина дека не постои согласност за договор за јавно-приватно партнерство за управување со паркиралиштата. Согласност постои и е потпишана од градоначалникот на Гостивар, врз основа на неговите надлежности“, се вели во реакцијата на Општината.

Развојната програма на Гостивар за 2015 година беше уште една тема на конфронтации. НДП посочи дека радикалното менување на програмата е аргумент на неадекватно планирање и пропаганда за предвремени избори. Локалната власт, пак, објасни дека промените не се радикални и се работи за изземање на шест проекти за сметка на други 20 кои се додадени и за кои во меѓувреме биле обезбедени пари.