Македонија Опозицијата поднесе 21 кривична пријава за изборни нерегуларности

Опозицијата поднесе 21 кривична пријава за изборни нерегуларности

Опозицискиот СДСМ денеска до надлежното обвинителство поднесе 21 кривична пријава, против повеќе од 17 сторители на, како што рече заменик-претседателката на партијата, Радмила Шекеринска, кривични дела против изборниот процес.

Според Шекеринска, пријавите се однесуваат на кривичните дела злоупотреба на службена положба и овластување, злоупотреба на лични податоци, принуда, предизвикување општа опасност, фалсификување исправи, противзаконско посредување, повреда на избрачкото право, повреда на слободата за определување при изборите, повреда на тајноста на гласањето и злоупотреба на средства за финансирање на избораната кампања.

Шекеринска го повтори ставот на опозицијата дека иако не веруваат во објективноста, професионалноста и во независоста на правосудниот систем во државата, кривичните пријави ги поднесуваат за да остават трага во овие институции дека „некој мора да сноси одговорност за криминалните дејства за време на изборните циклуси“.