Македонија Охрид чека туристи од збратимениот кинески град Далиан

Охрид чека туристи од збратимениот кинески град Далиан

Универзитетот за информатички науки и технологија од Охрид, наскоро ќе добие посебен технолошки парк, лабораторија и финансиска поддршка од збратимениот кинески град Далиан.

Охриѓани очекуваат Кинезите помасовно и организирано во рамките на балканските тури да доаѓаат во нивниот град. Делегација од Бирото за туризам на Далиан веќе престојуваше во Охрид и со претставници на локалната самоуправа, потпиша меморандум за соработка.

– Очекуваме по официјално воспоставената соработка помеѓу Бирото за туризам на Далиан и Секторот за туризам на Охрид, конечно, да  имаме можност во наредниот период да донесеме туристи од НР Кина во Охрид и во другите туристички места во Македонија – вели градоначалникот, Никола Бакрачески.

Далиан е еден од најразвиените градови во Кина, лоциран во најбогатата кинеска провинција Манџурија. Пристаништето во Далиан е на десетто место според обртот, а неговиот капацитет за прием на бродови е на дваесетто место во светот. Регионот на градот Далиан е и еден од главните туристички центри на Кина, кој минатата година го посетиле 53 милиони туристи од кои 11 милиони странци.