Дописници Одбележување на 200-годишнината од раѓањето на хрватскиот културен деец Јосип Јурај Штросмајер

Одбележување на 200-годишнината од раѓањето на хрватскиот културен деец Јосип Јурај Штросмајер

Јосип Јурај Штросмајер имал јасна визија за постоењето на македонскиот идентитет и за важноста од соработката помеѓу народите на овие простори, рече проф. д-р Златко Крамариќ, амбасадорот на Република Хрватска во Република Македонија, на одбележувањето на 200-годишнината од раѓањето на познатиот хрватскиот културен деец во Охрид.

– Ако во 1861 година тој човек имал една мошне јасна визија, тогаш е добро да се вратиме на традицијата и да се обидеме да разбереме дека сме упатени едни на други и без разлика на евроатланските интегративни процеси, овој простор на некој начин е простор на кој може да бидеме свои на своето – рече амбасадорот Крамариќ.

Штросмајер бил хрватски бискуп, доктор по теологија, но и политичар, лидер на Народната партија. Основач е на Југословенската академија на науките и уметностите и на Универзитетот во Загреб. Во 1861 дозволил да се испечати Зборникот на браќата Миладиновци во Загреб, со што го дал својот значаен придонес за македонската традиција и за нејзиното опстојување.

Зборникот на Браќата Миладиновци претставува репер за секој Македонец, но од него можат да учат по нешто и политичарите, смета Крамариќ.