Македонија Одбележани 81 година од депортирањето на македонските Евреи во логорот „Треблинка“

Одбележани 81 година од депортирањето на македонските Евреи во логорот „Треблинка“

Овој настан во Скопје е дел од тридневната Комеморативна програма 1943-2024, во организација на Еврејската заедница во државава и на Фондот на Холокаустот на Евреите од Македонија

Фото: Кабинет на претседател на РСМ

Со положување цвеќе пред споменикот на 7.144 депортирани македонски Евреи во дворот на поранешниот скопски Монопол денеска во Скопје денеска се одбележуваат 81 година од депортирањето на македонските Евреи во нацистичкиот логор „Треблинка“.

Овој настан во Скопје е дел од тридневната Комеморативна програма 1943-2024, во организација на Еврејската заедница во државава и на Фондот на Холокаустот на Евреите од Македонија, што се реализира под слоганот „Сеќавање – 11 Март, Холокаустот на македонските Евреи“ и на истиот, покрај претставниците од еврејската заедница, присуствуваа и претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, претставници на Собранието и Владата на Република Северна Македонија, како и претставници на дипломатскиот кор во земјава.

Фото: Кабинет на претседател на РСМ

„Денеска им оддаваме почит на 7.144 Евреи од Македонија. На Марија, Пепо, Жоли, Бесале, Дора, Давид, Руфел, Јаков, Боена, Мари, Ештер и многу други Евреи од Македонија, кои загинаа трагично во логорот на смртта „Треблинка”. Седум илјади сто четириесет и четири Евреи од Штип, Битола и Скопје никогаш повеќе не ги видоа своите родни градови“, рече претседателот на Еврејската заедница Пепо Леви во својот говор.

Премиерот Џафери реќе дека сеќавањата од Холокаустот ги чуваме од заборав, за никогаш да не се повтори едно од најголемите зла на човештвото.