Македонија Од ноќеска почнува да се применува летниот ред на летање на аеродромите

Од ноќеска почнува да се применува летниот ред на летање на аеродромите

Најзначајна новина е враќањето на Луфтханза на скопскиот аеродром, како и воспоставувањето сезонските летови Скопје-Сплит и Охрид-Белград

Фото: Архива на Мета

Летниот ред на летање стапува на сила од ноќеска на скопскиот и охридскиот аеродром и ќе трае до крајот на октомври годинава. Според актуелниот ред на летање, од скопскиот аеродром ќе сообраќаат 20 авиокомпании до 44 дестинации, додека од аеродромот „Св. Апостол Павле“ ќе летаат шест авиокомпании до девет дестинации.

Има неколку новини за патниците кои го користат авиосообраќајот, а секако најзначајно е воспоставувањето на редовна авионска линија Франкфурт-Скопје-Франкфурт на германската авиокомпанија Луфтханза, почнувајќи од 23 април со десет летови неделно. Од ТАВ информираат и за нова сезонска авиолинија меѓу Скопје и Сплит на Кроација ерлајнс, која ќе се одржува два пати неделно меѓу 12 мај и 14 октомври.

Почнувајќи од 5 јуни, Ер Србија ќе ја обнови сезонската авионска линија меѓу Белград и Охрид четири пати неделно.

И во претстојната летна сезона предвидени се чартер летови од скопскиот аеродром до Египет, Турција и Тунис за македонските туристи, додека странски гости со чартер летови се очекуваат од Холандија и Полска на охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“.