Македонија Обвинителството се договори со двајца обвинети судии од случајот „Јустиција“

Обвинителството се договори со двајца обвинети судии од случајот „Јустиција“

Јавното обвинителство денеска соопшти дека надлежниот обвинител постигнал спогодба со двајца осомничени во предметот „Јустиција“.

„Денеска спогодбата е верификувана и од Основниот суд Скопје 1, кој во согласност со договореното, со пресуда на осомничените им изрече условна казна затвор, односно казна затвор од една година, која нема да се изврши доколку во рок од три години лицата не сторат кривично дело. Двајцата осудени се поранешни судии, сега во пензија“, стои во соопштението.

Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал до Основното јавно обвинителство Скопје, во рамки на акција „Јустиција“, во октомври минатата година поднесе кривична пријава против 14 судии од Одделението за прекршоци во Основен суд Скопје 1 и против 11 судски службеници од истиот суд, осомничени за злоупотреба на службената положба и овластување.

Пријавените во својство на судечки судии во текот на 2012 година и во првото тримесечје од 2013 година, заедно со останатите пријавени во својство на тужбени лица кои работеле со нив, постапувајќи по повеќе од 8.000 прекршочни предмети кои се примени во Судот во текот на 2010 година, нанеле штета со неизвршување на службената должност на буџетот на РМ од 1.308.515 евра за ненаплатена, а пресудена глоба, како и 3.773.500 денари за ненаплатен, а претходно пресуден паушал.