Македонија Обвинителството оформило повеќе предмети за случајот со фалсификувани лични карти

Обвинителството оформило повеќе предмети за случајот со фалсификувани лични карти

Основно јавно обинителство Скопје оформило повеќе предмети за случајот со наводната фабрика за фалсификување пасоши и лични карти, меѓу кои и за тие што неделникот „Фокус“ ги достави до Министерството за внатрешни работи, изјави денеска јавниот обвинител Јован Цветановски, заменик на јавната обвинителка на Основното јавно обвинителство Скопје, Гордана Гешковска.

Како што изјави Цветановски, по предметите постапуваат повеќе обвинители, а досега биле издадени наредби за истраги до оделот за организиран криминал на МВР, наредби за вештачење и извршени биле разговори со повеќе лица, како и претреси во станови на првоосомничениот и на другите осомничени во случајот.

– При извршен претрес на станови на првоосомничениот во случајот З.Б., пронајдени се поголем број обрасци за патни исправи, возачки дозволи и за лични карти. Исто така, пронајдени се и машини, преси, како и друга опрема за фалсификуање документи. Во компјутерите пронајдени во домот на првоосомничениот, најдени се папки што содржат десетици илјади телефонски разговори – изјави Цветановски.

Тој додаде дека првоосомничениот З.Б. е на издржување затворска казна поради што нема потреба од превентивни мерки за него, додека мерките за другите осомничени во случајот ќе ги одредат јавните обвнинители што ќе работат на предметите.

На изјавата на Цветановски пред медиумите, не беа дозволени новинарски прашања бидејќи, како што рекоа, станува збор за чувствителна тема.

Инаку ова непосредно обраќање „во живо“ од страна на ОЈО Скопје е прво јавно презентирање на информации за актуелен кривичен случај од донесувањето на новиот Закон за кривична постапка во 2010 година, кој стапи на сила во 2013 година.

До сега, главно МВР беше институцијата која јавноста ја запознаваше со текот на истрагите.