Македонија Обвинителство: Во тек е предистражна постапка за случајот со фалсификувани лични карти

Обвинителство: Во тек е предистражна постапка за случајот со фалсификувани лични карти

Основното јавно обвинителство Скопје оформило предмет и води предистражна постапка за случајот со фалсификувани лични карти, соопшти попладнево Јавното обвинителство.

Оттаму информираат дека досега била прибавена писмена документација и податоци и додаваат дека во моментот не можат да соопштат повеќе детали бидејќи според Законот за кривична постапка, сите дејства во предистражната постапка се сметаат за тајна.

„Основното јавно обвинителство Скопје, во согласност со законската регулатива, оформи предмет за настанот со наводно фалсификувани лични карти. Во тек е предистражна постапка во која досега е прибавена релевантна писмена документација и потребни податоци. Во тек е спроведување на истражни дејства, за кои во моментов не сме во можност да споделиме детали. Имено, во согласност со член 289 од Законот за кривична постапка, сите дејства преземени во предистражната постапка од јавниот обвинител или полицијата се сметаат за тајна“, стои во соопштението на Јавното обвинителство.