Култура Објавени наградените книги на конкурсот „Јован Котески“ и „Крсте Чачански“

Објавени наградените книги на конкурсот „Јован Котески“ и „Крсте Чачански“

Културниот центар „Бран“ од Струга ги објави првонаградените книги од 5. конкурс „Јован Котески“, за необјавена збирка поезија, и „Крсте Чачански“, за необјавена збирка кратки раскази.

Наградата „Јован Котески“ ја доби поетот Славчо Кавиловски за книгата „Барутна поезија“, додека „Помен за едно време“ од Добре Тодоровски е годинешниот лауреат на наградата „Крсте Чачански“.

Стихозбирката „Барутна поезија“ е поделена во три циклуси: „Барутни песни“; „Компјутерски песни“ и „Пепелни песни“. Во сите песни од оваа книга преовладува иронијата, сарказмот, хуморот, сатирата и пародијата, а, всушност, авторот испишува книга за совремието, актуелноста и за егзистенцијата овде и сега.

Книгата „Помен за едно време“ од Добре Тодоровски ја издвојуваат раскази кои се во елегичните бои на минливоста. Тие претставуваат исечоци од интимниот дневник на писателот и носат изворни белези.

Промоција на наградените книги и доделувањето на наградите на добитниците ќе биде на 3 јули во Центарот на култура „Браќа Миладиновци“ во Струга, во рамките на меѓународниот фестивал „Струшки книжевни средби – 2015“. Промотори се Христо Петрески и Марина Мијаковска.