Свет Обама им порача на Турција и на Русија да ги надминат тензиите

Обама им порача на Турција и на Русија да ги надминат тензиите

Претседателот на САД, Барак Обама, ги повика Турција и Русија да ги надминат тензиите по соборувањето рускиот воен авион на турско-сириската граница пред една недела, јавуваат светските медиуми.

По разговорите со турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, во Париз, Обама изјави дека САД го поддржуваат „правото на Турција да го брани својот воздушен простор“, додавајќи дека Русија и Турција треба да направат „де-ескалација на спорот“.

„Турција е сојузник во НАТО и ние сме доста посветени на безбедноста на Турција и на нејзиниот суверенитет. Разговаравме како Русија и Турција можат да работат заеднички за де-ескалација на тензиите и да најдат дипломатско решение за ова прашање“, изјавил Обама, додавајќи дека постоењето заеднички непријател бара да се задржи фокусот на таа закана, мислејќи притоа на Исламска држава.

Турскиот претседател, Ердоган, како што пренесува „Би-Би-Си“, исто така дал изјава по средбата и рекол дека Турција сака да се надминат тензиите со Русија и дека неговата земја е решена да ја продолжи борбата против ИД.

Вчера рускиот претседател, Владимир Путин, ја обвини турската влада дека го соборила авионот за да ја заштити илегалната трговија со нафта со Исламска држава.

Обама, Путин и Ердоган се меѓу 150 светски лидери кои учестуваат на Самитот на Обединетите нации за климатски промени што се одржува во Париз.