Помошничката на американскиот државен секретар, Викторија Нуланд, денеска по средбата со премиерот Никола Груевски изрази надеж дека наскоро ќе се реши политичката криза во земјава.
– Време е да се стави крај на кризата. Ние, САД, сме многу задоволни што работиме со ЕУ. Амбасадорот Бејли работи заедно со еврокомесарот Хан за да ги доведат страните да најдат решение што ќе ѝ овозможи на Македонија да се врати на избраниот пат кон евроатлантските интерграции, патот на добра и чиста влада, владеење на правото и слобода на медиумите, сите тие работи кои се важни за државата. Силно ги поддржуваме пакет-мерките кои беа одредени на 2 јуни. Останаа уште неколку прашања кои треба да се решат – рече Нуланд.
Нуланд соопшти дека САД силно ги поддржуваат утрешните разговори, кои ќе бидат под водство на Хан.
– Денеска го минав денот во разговори со заинтересираните страни и со премиерот, за да се намали јазот и да се постигне договор – рече Нуланд, додавајќи дека САД веќе 20 години се пријатели и поддржувачи на Македонија, без разлика кој е на власт во земјата.
Груевски истакна дека европските вредности се водилка за Владата при решавањето на политичката криза.
– ЕУ-вредностите се водилка за решавање на тековните политички премрежиња, што е единствено можно како правно, политичко и институционално решение – рече Груевски.
Премиерот соопшти дека на средбата се разговарало и за што е можно поскоро зачленување на Македонија во НАТО, за потребата од итно почнување на преговорите за членство во ЕУ, како и за трговската размена меѓу САД и Македонија.