Македонија Новинарскиот синдикат го поддржува студентскиот протест

Новинарскиот синдикат го поддржува студентскиот протест

Самостојниот синдикат на новинари на Македонија целосно го поддржува студентскиот протест најавен за петок, насочен против државниот испит во високото образование, кој власта се обидува да го наметне набрзина и без јавна дебата. ССНМ ги повикува новинaрите при инфoрмирањето за протестот да се борат против цензурата и автоцензурата со која се соочуваат во своите редакции.

– Членовите на „Студентски пленум“ не треба да се откажуваат од досегашниот начин на борба, мирно и аргументирано да ги соопштуваат ставовите, иако властите се оглушуваат на нивните аргументи и бегаат од соочувања со студентите. ССНМ ги повикува своите членови, новинари и медиумски работници, својата солидарност да ја искажат со тоа што ќе им се придружат на студентите и на професорите што ќе протестираат, а при информирањето ќе се придржуваат на професионалните принципи, ќе ја одбијат наметнатата пропаганда што се коси со професионалната етика и ќе се борат против цензурата и автоцензурата со која се соочуваат во своите редакции – се вели во соопштението од ССНМ.