Македонија Новинарите од МИА повторно на протест, ќе го радикализираат ако не им...

Новинарите од МИА повторно на протест, ќе го радикализираат ако не им бидат покачении платите

Според официјални податоци просечната нето плата во мај 2023 година изнесуваше 36.465 денари додека платите на новинарите и медиумските работници во МИА се за повеќе од 6.000 денари помали од просекот, велат од ССНМ

Фото: ССНМ

По вчерашниот прв предупредувачки протест на вработените во Македонската информативна агенција (МИА), голем дел од вработените денеска повторно во времето од половина час на паузата, излегоа на предупредувачки протест пред просториите на агенцијата.

„Вработените од МИА до Владата имаат адресирано неколку барања, а најургентно е тоа за зголемување на платите за 30 проценти, што е за 2,5 пати помалку од 78 проценти колку што изнесуваше последното зголемување на платата на функционерите“, информира Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.

Додека за другите барања се потребни системски решенија, барањето за зголемување на платите е најлесно за решавање и треба само да се стави на дневен ред на седница на Владата, велат колегите од МИА.

„Слободата на медиумите и слободата на говорот, па дури и борбата против дезинформации се невозможни ако новинарите и медиумските работници имаат потпросечни плати, а според официјални податоци просечната нето плата во мај 2023 година изнесуваше 36.465 денари додека платите на новинарите и медиумските работници во МИА се за повеќе од 6.000 денари помали од просекот“, потенцираат во Синдикатот.

Протестот на вработените во МИА кој е со поддршка на ССНМ, ќе продолжи и во следните денови, додека не се исполнат барањата. Постои можност и за радикализација на изразување на револтот.