Технологија Гаџети „Нокиа“ го претстави андроид-таблетот „Н1“

„Нокиа“ го претстави андроид-таблетот „Н1“

Цената на уредот ќе биде околу 250 американски долари

„Нокиа“ го претстави 7,9-инчниот андроид-таблет со ознака „Nokia N1“. Иако „Мајкрософт“ реши да ја згасне марката „Нокиа“, со овој потег Финците праќаат децидна порака дека се тука да останат и да понудат квалитетни и софистицирани уреди по кои беа познати и во минатото.

Уредот има вградено четвиријадрен процесор intel atom Z3580, кој работи на такт од 2,3 гигахерци, заедно со рам-меморија од два гигабајти  и простор за складирање на податоци од 32 гигабајти. Дисплејот со дијагонала од 7,9 инчи е со резолуција од 1536 x 2048 пиксели и користи стакло за заштита од гребнатинки corning gorilla.

Таблетот работи  на најновата верзија на „андроид“,  5,0, со преинсталиран launcher Z, кој го изработи софтверскиот тим на „Нокиа“ и претставува замена за почетниот екран кој го добивате со „фабричкиот“ „андроид“.

Куќиштето на таблетот е направено од единствен блок на алуминиум кој дава минималистички и елегантен изглед. На задната страна се наоѓа камерата со сензор од осум мегапиксели, а предната е со сензор од пет мегапиксели. На долниот дел се поставени стереозвучниците и централниот УСБ-конектор. „Нокиа Н1“  ќе биде лансиран на почетокот на 2015 година, прво во Кина, а потоа во Европа и во САД.

Цената ќе му биде околу 250 американски долари.