Македонија Нетолеранцијата е морално и духовно слепило

Нетолеранцијата е морално и духовно слепило

„Во ерата на дигитализација и на глобализација во комуникацијата преку интернет, можат да се најдат многу лажни и неточни информации што поттикнуваат омраза и нетолеранција. Во последните пет години во Македонија е евидентен напредокот во тој поглед, но, за жал, кризата во државата влијаеше врз нивото на толеранција. Се надевам дека ќе се уреди кривичниот законик и говорот на омраза ќе се дефинира попрецизно“, изјави Џефри Голдстајн, заменик-шефот на мисијата на ОБСЕ во Скопје, на денешната меѓународна конференција за дијалогот на цивилизациите и за предизвиците на толеранцијата во дигиталната ера. Конференцијата се одржа во Македонската академија на науките и уметностите, а по повод светскиот ден на толеранцијата.

Академикот Владо Камбовски истакна дека сите облици на нетолеранција се толкуваат како морално и духовно слепило.

– Сè додека нема ефективно гонење на криминалот предизвикан и поттикнат од омразата, нивото на толеранција нема да биде на повисоко ниво – рече д-р Беса Арифи од Правниот факултет при Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово. Притоа, тој посочи дека светот нема да биде уништен од постапките на злобните, туку тоа ќе се случи поради незаинтересираноста и неактивноста на добрите луѓе.

Социологот од Бугарската академија на науки, д-р Румјана Желева, обраќајќи се на англиски јазик, изјави дека толеранцијата е инклузивен и релативен концепт. Поради тоа, во тој процес потребно е да бидат вклучени сите засегнати страни од нетолерантноста.

Настанот го отвори претседателот на МАНУ, академикот Таки Фити.