Македонија Несогласувања во ДИК за веб-апликацијата за спорни гласачи

Несогласувања во ДИК за веб-апликацијата за спорни гласачи

Иако од Државната изборна комисија најавија дека членовите се согласни за новиот начин на проверка на 39.502 гласачи, на денешната прес-конференција сепак се виде дека одредени членови имаат повеќе забелешки.

За Субхи Јакупи, член на ДИК од ДУИ, спорно е тоа што нема рок до кога ќе им се одговори на тие гласачи што ќе решат електронски да ги достават податоците преку веб-апликацијата на комисијата.

Бедредин Ибраими од ДПА, пак, смета дека апликацијата е неразбирлива и побара упростување за да можат луѓето поедноставно да се пријават.

Претходно на прес-конференцијата, Адмир Шабани, советник во ДИК, ја објасни веб-апликацијата и рече дека јавниот повик ќе биде презентиран преку програмите на Македонската радио-телевизија.

Тој соопшти дека за информирање, ДИК ќе направи неколку видеоспота, а ќе испечати и плакати.

– Сите спорни имиња преку пошта ќе бидат повикани да се пријават во ДИК или во најблиските подрачни единци на Министерството за правда и локалните самоуправи. Тие имаат можност да го сторат тоа до 19 август. При пријавувањето, граѓаните треба да имаат важечки документ за лична идентификација – изјави Шабани.