Свет Балкан Немири во Атина на годишнината од смртта на студентот

Немири во Атина на годишнината од смртта на студентот

Атинското бутновно маало Ексархија вечерва гореше сред протестот за одбележување на шестгодишнината од смртта на младиот Алексис Григоропулос. Демонстрантите почнаа борба со Молотови коктели и со камења по полицијата, а населбата тоне во солзавец со кој полицијата се обидува да ги разбрка демонстрантите.  Инцидентите се случуваа покрај Политехничкиот факултет, бастионот на отпорот, само неколку улици подолу од местото каде во 2008 година Алексис загина од полициски куршум. Судирите во моментов се смирени, но протестот и натаму продолжува.

Покрај звукот на Молотовите коктели и шок-бомбите, низ улиците на Ексархија се слушаа гневните пароли на демонстрантите против полицијата. „Убијци, свињи“ и „Овие денови се посветени на Алексис“ ечат низ целата населба во знак на гнев кон полициските припадници.

Атина е преплавена од полицајци кои се движат кон Ексархија за да одговорат на инцидентите. Распоредени се и водени топови низ населбата.

Масовниот протест за одбележување на годишнината од смртта на Алексис, инцидент кој доведе до пад на владата на Костас Караманлис во 2009 година, почна мирно во раните вечерни часови. При движењето на поворката имаше мали инциденти, дел од демонстрантите кршеа излози од продавници, семафори и се палеа улични корпи за отпадоци. Пред почетокот на судирите со полицијата имаше повеќе од 20 приведени демонстранти, а според слободна процена, масовната поворка имаше околу 7.000 – 8.000 демонстранти.

Во текот на денот, инциденти и судири на полицијата со демонстрантите со Молотови коктели и со солзавец имаше и низ Солун, Патра и други грчки градови.