Дигитални права Народната банка направи брошура за заштита од онлајн измами на граѓаните

Народната банка направи брошура за заштита од онлајн измами на граѓаните

Граѓаните можат да се информираат повеќе за дигиталните финансиски канали и услуги кои им стојат на располагање (плаќање со платежна картичка преку интернет, е-банкарство, плаќање со мобилен телефон, онлајн кредит), велат во НБРМ

Фото: Мета.мк

Во европскиот месец на кибер безбедноста – октомври, Народната банка направи брошура за безбедност при користење дигитални финансиски производи и услуги, информираат оттаму. Сега граѓаните можат да се информираат повеќе за дигиталните финансиски канали и услуги кои им стојат на располагање (плаќање со платежна картичка преку интернет, е-банкарство, плаќање со мобилен телефон, онлајн кредит), за препораките како да се заштитат при користењето на овие услуги, како да ги заштитат своите уреди и своите лични податоци, но и што треба да преземат ако се посомневаат во онлајн измама.

Во НБРМ велат дека дигитализацијата носи многу погодности, но исто така и закани поврзани со кибербезбедноста.

„Сведоци сме дека насекаде во светот има случаи на измами поврзани со користењето дигитални услуги, токму затоа важно е граѓаните при користењето на алатките за онлајн финансиски производи и услуги, да знаат како да ги заштитат своите податоци, а со тоа и својот идентитет и имот од можни злоупотреби. Ние делуваме проактивно, преку финансиската едукација и придонесуваме за подигнување на свеста на јавноста за можните опасности од споделувањето на личните податоци преку дигиталните канали и им дава совети на граѓаните за тоа како треба да ги користат придобивките од  дигитализацијата, а притоа да бидат безбедни“, наведено е во соопштението на НБРМ.

Во брошурата на систематизиран начин се објаснети повеќе препораки за безбедно користење на дигиталните финансиски производи и услуги.