Економија Народна банка: Раст на индустријата, прометот во трговијата и градежништвото

Народна банка: Раст на индустријата, прометот во трговијата и градежништвото

Фото: Мета.мк

Податоците за економската активност за третото тримесечје од 2018 година покажаа раст на домашниот бруто-производ (БДП) од три проценти, што е малку подобро во однос на очекувањата, соопштија од Народна банка по одржаниот Комитет за оперативна монетарна политика.

Од таму велат дека има поволни поместувања во економијата во четвртиот квартал, при забрзан раст на активноста во индустријата и прометот во трговијата, како и висок раст на извршените градежни работи, наспроти нивниот пад во третиот квартал на минатата година.

„Последните податоци за девизните резерви покажуваат нивен натамошен раст, при поволни движења на девизниот пазар и интервенции со нето-откуп на девизи од страна на Народната банка. Растот на девизните резерви во јануари 2019 година, засега е малку поумерен во однос на проектираниот раст за првиот квартал, а анализите на показателите за нивната адекватност покажуваат дека девизните резерви и натаму се одржуваат во сигурната зона. Според досегашните расположливи показатели за надворешниот сектор, податоците за надворешнотрговската размена за периодот октомври – декември 2018 година укажуваат на остварување подобро трговско салдо во однос на очекувањата“, се вели во соопштението на Народна банка.