Економија Народна банка ја зголеми каматната стапка поради зголеменa побарувачка на девизи

Народна банка ја зголеми каматната стапка поради зголеменa побарувачка на девизи

Каматната стапка на благајничките записи, како основна каматна стапка, е зголемена за 0,75 процентни поени, од 3,25 на 4 проценти, соопштија од Народна банка.

– Одлуката за затегнување на монетарната политика е реакција на зголемената побарувачка на девизи и на притисоците врз депозитната база на банките, коишто во целост се последица на влошените очекувања на економските субјекти, предизвикани од нестабилната политичка состојба во земјата. Со тоа, промената на каматната стапка е одговор на дејствувањето на фактори од неекономска природа – се вели во соопштението на Народна банка.

Од друга страна, НБРМ и понатаму ги оценува економските фундаменти како здрави, без присуство на поголеми нерамнотежи во економијата.

– Сите досегашни показатели упатуваат на солиден економски и кредитен пораст, без ценовни притисоци и без притисоци во надворешниот сектор. Дефицитот во тековната сметка и понатаму е умерен, со позитивни преносни ефекти од структурните промени во извозниот сектор и со доволно финансиски приливи за негово финансирање. Воедно, сите показатели за девизните резерви постојано покажуваат нивно соодветно ниво, што е доволно за справување со шокови – се додава во соопштението.