Економија Народна банка и ЕЦБ склучија меморандум за соработка во сферата на супервизијата

Народна банка и ЕЦБ склучија меморандум за соработка во сферата на супервизијата

Фото: Мета.мк

Народната банка на Република Македонија (НБРМ) и Европската централна банка (ЕЦБ) склучија меморандум за соработка во сферата на супервизијата.

Од Народна банка велат дека соработката дефинирана со овој меморандум е од суштинско значење за натамошното унапредување на интегритетот, стабилноста и ефикасноста во работењето на банките.

„Согласно со неговите одредби, соработката меѓу двете институции ќе биде насочена кон обезбедување ефективна размена на супервизорски информации, имајќи ја предвид домашната и меѓународната регулатива, вклучително и Основните принципи за ефикасна банкарска супервизија донесени од Базелскиот комитет. Спроведувањето на неговите одредби ќе биде многу значајно и за остварувањето на определбата на НБРМ за постојано развивање на супервизијата во Република Македонија според најновите европски и меѓународни стандарди и препораки“, се вели во соопштението на НБРМ.

Во него се додава дека со иницирањето на овој многу значаен стратегиски документ, ЕЦБ ја вброи НБРМ меѓу централнобанкарските институции кои што ги смета за свои стратешки партнери во процесот на унапредување на супервизијата, а со тоа и во јакнењето на банкарските системи во Европа.