Македонија На Меѓународниот ден на водите, „Арсена“ потсети на загадената вода во Гевгелија

На Меѓународниот ден на водите, „Арсена“ потсети на загадената вода во Гевгелија

Граѓанската иницијатива „Арсена“ подели пакувања чиста вода на штанд поставен на градското шеталиште во центарот на Гевгелија, по повод Меѓународниот ден на водите.

Мотото на оваа акција беше „Здрава вода за здрав живот“, а целта беше да се актуелизира долгогодишниот проблем на гевгеличани со потребата од чиста вода за пиење, поради присуството на енормно високи концентрации на отровниот металоид арсен во водите од градскиот водовод.

„Ова што се случува со водата во Гевгелија е трагично и неодговорно. Сите сакаме чиста вода и сите заслужуваме да ја имаме дома како корисници на јавниот водоводен систем. Но, работите се надвор од секаква контрола на локалните власти. Изгледа, сиве овие години, поважан им беше мирниот мандат и бенефициите од мандатот, наместо задоволување на потребите на граѓаните за чиста вода“, изјавија од „Арсена“.

Од оваа иницијатива најавуваат формирање на правен тим кој ќе се занимава со правните консеквенци на одговорните за долгогодишното труење на гевгеличани со арсенот во гевгелиската вода.