Култура На четвртиот „Анимакс-фест Скопје“ ќе бидат прикажани 51 филм

На четвртиот „Анимакс-фест Скопје“ ќе бидат прикажани 51 филм

На четвртото издание на Меѓународниот фестивал за анимиран филм „Анимакс-фест Скопје 2014“ ќе бидат прикажани 51 филм, од кои осум се наманети за детската публика. Фестивалот ќе се одржува од 4 до 6 декември, во Кинотека на Македонија, под мотото „Ако сите светат, ти блескај“.

Во трите фестивалски денови на „Анимакс-фест“ ќе бидат прикажани 43 филмови за возрасни и осум филмови за деца. Тие се избрани од пријавените рекордни 326 анимации од 52 земји во светот, меѓу кои најголем број од: Франција, Шпанија, Германија, Полска, Италија, Бразил, како и филмови од Ирак, Иран, Индија, Јужна Кореја, Тајван, Куба, Перу и др.

Голем дел од нив се носители на престижни награди, победници на филмски фестивали од А-категорија.

Традиционално, на последниот ден од фестивалот, 6 декември, ќе бидат доделени наградите „Златна тула“, „Сребрена тула“ и „Бронзена тула“, а за нив ќе одлучува интернационална жири-комисија. Исто така, ќе биде доделена и „Златна тула“ за најдобар детски анимиран филм, а за победникот ќе гласаат децата во трите фестивалски денови.

За време на фестивалот ќе бидат одржани и работилници во просториите на Кинотека на Македонија.

Официјалната програма на фестивалот со прикажување на филмовите ќе почнува во 20 часот. Детската програма во четврток и во петок ќе ја следат дечиња организирани од основните училишта, а во сабота детската програма ќе почнува во 12 часот и ќе биде отворена за сите заинтересирани. Билетите за фестивалот чинат 50 денари и ќе може да се набават на влезот на Кинотека на Македонија.

Целосната програма е објавена на веб-страницата на фестивалот. animaxskopjefest.mk.

„Анимакс-фест Скопје“ е во организација на продуцентската куќа „Аурипигмент“, во соработка со здружението на граѓани Креативен центар „Тинтири-минтири“ од Скопје, со поддршка од Министерството за култура на Република Македонија, а во соработка со Кинотека на Македонија.

„Анимакс-фест Скопје“ е прв фестивал на анимиран филм во Македонија. Цел на фестивалот е подигнување и градење на културата во поглед на изработка на анимирани филмови, за возрасни и за деца, кои презентираат различни аспекти од секојдневниот живот.