Главна секција МВР: Висок степен на опасност по животот на Јанева и на нејзините...

МВР: Висок степен на опасност по животот на Јанева и на нејзините соработници

Со оглед на високиот степен на опасност по животот и по личниот интегритет при вршењето на работните задачи во Специјалното јавно обвинителство, од Министерството за внатрешни работи е побаран одреден број полициски службеници за јавната обвинителка Катица Јанева и за нејзините соработници – обвинители, соопшти попладнево МВР.

„Од страна на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (СЈО), денеска до Министерството за внатрешни работи беше доставено барање за обезбедување полициски службеници што ќе бидат ангажирани на физичко обезбедување на обвинителите при оваа институција. Имено, со оглед на високиот степен опасност по животот и по личниот интегритет при вршењето на работните задачи во Специјалното јавно обвинителство, од МВР е побаран одреден број полициски службеници како за јавната обвинителка Катица Јанева, така и за нејзините соработници – обвинители. Министерството за внатрешни работи ќе го разгледа барањето и благовремено ќе достави одговор до Специјалното јавно обвинителство“, стои во соопштението на МВР.

Претходно од обвинителството за „Мета“ информираа дека Јанева и нејзиниот тим обвинители побарале зголемено обезбедување по вчерашното обраќање на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во кое тој остро ја нападна специјалната обвинителка.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, во своето обраќање пред унијата на жени на партијата, рече дека по победата на изборите на 24 април, „на ниту еден политичар долго време нема да му падне на памет да се обидува на власт да доаѓа со голема измама, со соработка со странски разузнавачки служби, со соработка со криминалци, со фалсификатори, со Чауши, со Ванхојтовци, со Катици и со продавачи на магла…“