Македонија МВР со зајакнати контроли за фудбалските натпревари денеска и утре

МВР со зајакнати контроли за фудбалските натпревари денеска и утре

Министерството за внатрешни работи извести дека ќе преземе мерки и ќе има зајакнати контроли за меѓународните фудбалски натпревари што денеска и утре ќе се играат во Скопје и апелираше публиката да се воздржи од нарушување на јавниот ред и насилства.

Натпреварите од Лигата на шампионите и од Лига Европа ќе се играат на најголемиот скопски стадион, „Телеком Арена“ во Градскиот парк и на стадионот „Петар Милошевски“ во Ново Лисиче. Ќе се спротивстават „Шкендија“ и „ТНС“ од Велс, како и „Работнички“ и „Хонвед“ од Унгарија.

„Апелираме до граѓаните да се воздржуваат од дејствија кои го нарушуваат јавниот ред и мир, а со цел да поттикнат насилство и други кривични дела. МВР нема да покаже никаква толеранција кон насилство, нарушување на јавниот ред и мир и други кривични дела во рамки на Законот за спречување на насилство и недостојно однесување на спортски натпревари. МВР ги повикува сите граѓани, особено навивачките групи, на фер и спортско навивање да ги проследат спортските натпревари почитувајќи ги законските регулативи и правата на сите граѓани кои ќе дојдат да ги проследат натпреварите во живо“, се вели во повикот.