Македонија МВР: Вчера забележано сликање на гласачко ливче и гласање спротивно на волја...

МВР: Вчера забележано сликање на гласачко ливче и гласање спротивно на волја на гласач

Сликање на гласачко ливче во дом на изнемоштено лице, како и гласање спротивно на волјата на гласач е регистрирано во билтенот од вчера на Министерството за внатрешни работи.

Вчера, во 12.17 часот, во полициска станица Кисела Вода се јавил претседателот на Општинската изборна комисија Кисела Вода и пријавил дека истиот ден, околу 11 часот, на улица Јабланица, кај лице кое е старо и изнемоштено и затоа гласало во својот дом во присуство на Избирачка комисија во состав од претседател и тројца членови, откако лицето гласало, еден член на комисијата го сликал неговото гласачко ливче.

Вчера, околу 9 часот, пријавено е дека во село Градец, во семејната куќа на Ј.Ш., дошло до злоупотреба на избирачко право на тој начин што откако два члена од Општинска изборна комисија Врапчиште дошле во наведената куќа за изнемоштеното лице Ѓ.Ш. да оствари право на глас, и двајцата ѝ зеле отпечатоци од прстот во регистарот на гласачи, а едниот од нив заокружил реден број на една политичка партија спротивно на волјата на гласачот.

Се преземаат мерки и активности за целосно расчистување на случајот.