Македонија МВР: Седум пријави за поткуп, гласањето се одвива без сериозни проблеми

МВР: Седум пријави за поткуп, гласањето се одвива без сериозни проблеми

Портпаролот на Министерството за внатрешни работи, Тони Ангеловски, на денешната прес-конференција информираше дека досега имало седум пријави за давање поткуп и прекини на гласањето на неколку гласачки места.

Според него, гласањето досега генерално се одвива без сериозни проблеми и без нарушување на јавниот ред и мир.

Ангеловски не даде повеќе детали околу пријавите за поткуп, само информираше дека полицијата работи на расчистување на случаите.

– Во однос на самиот тек на гласањето, до овој момент прекини има на дваесетина избирачки места, но сите се поради технички причини и гласањето продолжило веднаш откако е решен проблемот – рече портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.

За инцидентот во Бутел во основното училиште „Петар Здравковски Пенко“, каде двајца мажи се обидоа физички да се пресметаат, Ангеловски рече дека тој настан нема никаква поврзаност со изборите бидејќи двајцата биле во расправија од претходно.

Од МВР ги повикаа граѓаните да пријават какво било нарушување на изборниот процес и апелираа до партиите да се воздржат од негово нарушување.