Македонија МВР поднесе пријави против четири лица за нападот со молотови коктели во...

МВР поднесе пријави против четири лица за нападот со молотови коктели во Битола

Секторот за внатрешни работи Битола поднел кривична пријава против четворица малолетници, на возраст од 16 и од 17 години, кои се осомничени дека со молотови коктели се обиделе да го запалат Музејот на албанската азбука во Битола, на почетокот на овој месец.

Како што информираат од МВР, осомничените малолетници, од кои тројца се од Битола, а еден од Демир Хисар, се товарат за кривичното дело предизвикување општа опасност.

„На 7 март 2017 година, околу 3 часот, пријавените, откако изработиле четири „молотови коктели“, се упатиле кон Национална установа ’Музеј на албанската азбука’. Кога пристигнале, запалиле дел од нив за да го опожарат објектот. СВР Битола, по преземените мерки и активности, обезбеди повеќе материјални докази кои укажуваат дека пријавените се извршители на кривичното дело“, стои во соопштението на МВР.