Македонија МВР ги објави потерниците за Грујовски и за Бошковски

МВР ги објави потерниците за Грујовски и за Бошковски

Министерството за внатрешни работи ги објави потерниците за Горан Грујовски и Никола Бошковски кои веќе четврти ден се во бегство и по кои полицијата сè уште трага.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во петокот изјави дека одговорноста за бегството на двајцата обвинети треба да се бара кај судот, кој четири часа го праќал решението за притвор до МВР.

Грујовски и Бошковски се обвинети во случаите „Тврдина“ и „Таргет“, преку кои СЈО треба да утврди кој нелегално прислушувал во земјава со години. И двајцата се недостапни за органите на прогонот откако судот донесе одлука да бидат ставени во притвор поради вршење притисок врз сведоци.

Полицијата неколкупати ги прегледала нивните домови и повеќе други локации каде се сомнева дека можат да бидат засолнати, но засега без резултат. Министерот Спасовски соопшти дека штом ќе имаат нови детали за бегалците од правдата, ќе излезат со информации во јавноста.