Македонија Мотивот за двојното убиство во Челопек била расправија за пат, обвинителството отвори...

Мотивот за двојното убиство во Челопек била расправија за пат, обвинителството отвори истрага

Осомничениот извадил пиштол кој го поседувал без дозвола и започнал да пука кон оштетените. Едниот од нив возвратил со истрели од огнено оружје за кое имал дозвола, но осомничениот ги лишил од живот двајцата оштетени – татко и син. Тој потоа продолжил да пука и кон останатите четири лица нивни роднини, нанесувајќи му огнострелни повреди на еден од нив

Фото: Мета.мк

Основното јавно обвинителство Тетово донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 59-годишен жител на Челопек, кој вчера уби две лица, а се обиде да убие уште четири луѓе од истото семејство.

Од обвинителството соопштуваат дека осомничениот се сретнал со оштетените кога излегле во дворот на куќата и започнал расправија за пат кој го користеле заеднички и за кој и претходно имале несогласувања.

„По расправијата, осомничениот извадил пиштол кој го поседувал без дозвола и започнал да пука кон оштетените. Едниот од нив возвратил со истрели од огнено оружје за кое имал дозвола, но осомничениот ги лишил од живот двајцата оштетени – татко и син“, велат од обвинителството.

Тој потоа продолжил да пука и кон останатите четири лица нивни роднини, нанесувајќи му огнострелни повреди на еден од нив. Кога на местото пристигнале припадници на СВР Тетово осомничениот давал отпор и не сакал да се предаде, но бил совладан и лишен од слобода.

Истрагата за него е поведена за кривично дело – убиство, а ќе одговара и за обид за убиство, како и за недозволено држење оружје. По предлог на јавен обвинител, судијата на претходна постапка од Основниот суд во Тетово му определи мерка притвор во траење од 30 дена.