Македонија Мијатовиќ: Позитивен чекор е отфрлањето на лустрацијата на Костова

Мијатовиќ: Позитивен чекор е отфрлањето на лустрацијата на Костова

Претставничката на ОБСЕ за слобода на медиумите, Дуња Мијатовиќ, ја поздрави одлуката на Управниот суд во Скопје за укинување на одлуката за лустрација на главната уредничка на неделникот „Фокус“, Јадранка Костова.

– Одлуката на Управниот суд за отфрлање на обвиненијата против Костова е позитивен чекор кон обезбедување ефективна рамнотежа меѓу целта на лустрацијата и целта за создавање слобода на медиуми во земјата – изјави Мијатовиќ.

Управниот суд вчера го поништи решението на Комисијата за верификација на фактите за лустрација на новинарката Јадранка Костова, главна уредничка на неделникот „Фокус“.

„Во правна ситуација кога оспорениот управен акт е поништен од судот, поништувањето дејствува наназад (ex tung) од донесувањето на актот, односно се поништуваат сите дејства што му претходеле на донесувањето на актот, како и сите правни дејства и последици предизвикани од тој акт“, се наведува во пресудата.