Македонија Мијалков куртули и за изборните нерегуларности во „Титаник 2“

Мијалков куртули и за изборните нерегуларности во „Титаник 2“

Според обвинението на поранешното СЈО, Мијалков нарачал преку лидерот на ДПА Мендух Тачи, да му наложи на сопартиецот од ДИК Бедредин Ибраими да гласа за поништување на регуларно гласање во избирачко место во Струмица во корист на кандидатот од ВМРО-ДПМНЕ

Апелациониот суд Скопје информираше дека за случајот „Титаник 2“ обвинението за ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков е застарено и тоа уште од април годинава, според новите измени во Кривичниот законик. Ова било констатирано уште кон крајот на септември годинава.

Мијалков за „Титаник 2“ беше обвинети за примање награда за противзаконито влијание. Останатите обвинети за случајот поминаа со условни пресуди.

„Во интерес на јавноста и медиумите информираме дека постапувајќи по кривичниот предмет КОКЖ-43/23, во јавноста познат како „Титаник 2“, по одржана јавна седница на ден 15.09.2023 година, а по извршено советување и гласање на ден 29.09.2023 година, донесе пресуда со која делумно ги уважи жалбите на обвинетите М.Т., Б.И., В.С. и С.С. и пресудата на Основниот кривичен суд Скопје ја преиначи во делот на одлуката за кривичната санкција“, се вели во соопштението на Апелацискиот суд.

Истовремено, велат оттаму, пресудата на Основниот кривичен суд Скопје ја преиначи во делот спрема обвинетиот С.М. (н.з. Сашо Мијалков), носејќи одлука со која се одбива обвинението, согласно член 402 точка 6 од ЗКП.

Случајот Титаник 2 се однесува на изборни нерегуларности. Според обвинението на поранешното СЈО, Мијалков нарачал преку лидерот на ДПА Мендух Тачи, да му наложи на сопартиецот од ДИК Бедредин Ибраими да гласа за поништување на регуларно гласање во избирачко место во Струмица, во корист на Васил Пишев кандидат од ВМРО-ДПМНЕ на штета на тогашниот кандидат за градоначалник од СДСМ, Зоран Заев.