Македонија Мијалков: Заев лаже, клевети и конструира

Мијалков: Заев лаже, клевети и конструира

Директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков,  демантира дека зел провизија за купување опрема за потребите на Министерството за внатрешни работи.

– Зоран Заев денеска изнесе огромен број лаги и конструкции со кои повторно му нанесе огромна штета на Министерството за внатрешни работи како институција, но и мене лично како директор на Управата за безбедност и контраразузнавање. За штетата и за насилството кон државните институции против него веќе се води истрага во рамки на оперативната обработка „Пуч“ – стои во демантот на Мијалков, во кој се најавува и соодветна пријава против Заев.

Во соопштението, објавено на интернет-страницата на МВР, се наведува дека не станува збор за никаков поткуп или корупција, туку за договарање и за следење на процедурите околу донацијата што ја добило МВР од нивните пријателски служби.

„Донацијата од 5.557.377 евра е примена. Со неа е купена опрема што е предадена на специјалните единици и што се користи во моментов, со што е подигната нивната борбена готовност. За сето ова постои и писмена документација и договори кои ќе бидат приложени во процесот што ќе го покренам против Зоран Заев“, стои во демантот.

Мијалков вели дека очекува судот да ги констатира и соодветно да ги санкционира клеветите и конструкциите во согласност со законите на Република Македонија.