Македонија Медицинските и стоматолошките сестри се преработени и добиваат минимален одмор

Медицинските и стоматолошките сестри се преработени и добиваат минимален одмор

Медицинските сестри и другиот медицински персонал од тоа ниво во моментот се револтирани од односот на институциите во кои работат, оти  работат со само еден слободен ден во неделата, може да земат само минимален годишен одмор од 10 дена, а честопати се и повикувани да го прекинат и да се вратат на работа, велат од Здружение на медицинските сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри (ЗМСТА – ЗА НАС).

„Медицинските сестри периодов се соочуваат со приморано користење на минимално законско ниво од 10 дена годишен одмор поради недостатокот на персонал во институциите. Работат дежурства и во смени со само еден ден слободен. Вишокот работни часови и работата во дежурства не се дефинирани дали ќе бидат исплатени по основ на дежурства, на ноќна работа или пак преку слободни денови за кои не се знае дали ќе може да ги искористат поради дефицитот. Голем дел од медицинските сестро се повикуваат да ги прекинат и веќе започнатите годишни одмори и да се вратат на работа“, велат од здружението, појаснувајќи дека  покрај малите плати и недоволно вреднуваниот труд, сега овој медицински персонал е дополнително оштетен поради случајот со годишните одмори.

Од ЗМСТАС известување за состојбата е упатено и до министерот Венко Филипче.