Македонија Марин: Ќе бараме одговарност за градежната мафија во Аеродром

Марин: Ќе бараме одговарност за градежната мафија во Аеродром

Ќе има преиспитување и одговорност за спорниот ДУП И10 во Општина Аеродром, порача денеска на прес-конференција Златко Марин, претседател на општинската организација на СДСМ од Аеродром.

Тој вели дека во Општина Аеродром деталниот урбанистички план бил изгласан тајно и без дебата „и со него за криминални бизнис-интереси, Ивица Коневски и ВМРО-ДПМНЕ го уништуваат воздухот и здравјето на граѓаните“. Марин презентираше документи за тоа дека паркот кај Мајчин дом ќе биде уништен за да може фирма на Орце Камчев да гради деветкатница.

– Ова е доказот дека Орце Камчев стои зад „Масив констракшн“, фирмата што ќе гради објекти кај Мајчин дом. Како што може да се види во овие документи, „Масив констракшн“ е во сопственост на „Европа комерц ДООЕЛ Кочани“ и „Архи ДОО“, која, пак, е сопственост на „Ексико“ и на „Орка холдинг АД Скопје“. „Ексико“, пак, е фирмата чиј управител е Тодор Мирчевски, човек кој управува со сите фирми на Камчев. Фирми кои преку „Ексико“ изнесуваат милиони евра од македонскиот буџет преку тендери и субвенции во приватни оф-шор сметки. Криминалните шеми на Коневски, ВМРО-ДПМНЕ и на градежната мафија се заплеткани и сложени, но нивната цел е јасна – полнење на приватни џебови и сметки и туркање на Аеродром во еколошка катастрофа, со ДУП кој ќе го спречи струењето на воздухот од Вардар, ќе го уништи зеленилото и уште повеќе ќе го загади воздухот. Здравјето и животот на граѓаните мора да биде поважно од неброените фирми и банкарски оф-шор сметки! – рече Марин.