Македонија Манчевски: Во 2015 година за проектот „Скопје 2014“ ќе се потрошат 46...

Манчевски: Во 2015 година за проектот „Скопје 2014“ ќе се потрошат 46 милиони евра

„Скопје 2014“ не заврши во 2014 година. Бунарот без дно продолжува и во 2015 година, велат од СДСМ.

„Оваа 2015 година, преку Градот, за проектот „Скопје 2014“ ќе се потрошат 46.175.000 евра и тоа на следните начини: 18 милиони евра за панорамско тркало, 10 милиони евра за барокна административна зграда на ЈП „Водовод и канализација“, 6,8 милиони евра за за нови барокни фасади на зградите во центарот на градот, пет милиони евра за нови фонтани и плоштади, 4,3 милиони евра за недоизградената катна гаража „Даме Груев“, 1,3 милиони евра за нова градска куќа, 325.000 евра за лифтови за катни гаражи, 250.000 евра за илуминација на споменици и на фонтани и 200.000 евра за уште еден карусел“, вели Дамјан Манчевски, потпретседател на СДСМ.

Од СДСМ предлагаат овие пари да се пренасочат кон финансирање вонредни мерки за намалување на загадувањето на воздухот, ново средно училиште во Аеродром, водовод за деловите од градот кои сé уште не добиваат вода од централниот водовод, субвенции за енергетска ефикасност, бесплатен јавен превоз за студентите секој ден, изградба на пречистителна станица или изградба на подземна сообраќајница во центарот на Скопје.