Македонија МАН: Го осудуваме недоличното однесување на Ангелов кон новинарот Николовски

МАН: Го осудуваме недоличното однесување на Ангелов кон новинарот Николовски

Македонската асоцијација на новинари (МАН) најостро го осудува недоличното однесување, односно заканите на генерал Стојанче Ангелов кон новинарот Дејан Николовски од порталот „Нетпрес“. Според МАН, никој не смее да им се заканува на новинарите за вршење на нивната работа.

МАН смета дека различните политички ставови може и треба да бидат предмет на дебата, разменување мислења и идеи, но не треба резултатот да биде навреда и закана.

„Притоа, генералот Ангелов, ако се залага за слобода на изразување и за слободен пристап до информации, така треба и да се однесува кон сите новинари и медиуми, без исклучок. Практично, на слободата на медиумите и слободата на изразувањето генерал Ангелов треба да пристапува неселективно. МАН прашува за каква слобода на изразување и слобода на медиуми се залага генерал Ангелов кога на новинар за неговото пишување му се обраќа со зборовите: „Да не бев политичар, ќе беше многу едноставно. Го фаќам за врат и го трескам од земја! Безмислосно! Па што сака нека биде. Ќе платиш за сè! Ќе платиш и тоа како!“, стои во соопштението од МАН.

Оваа реакција, како што тврдат оттаму, е доставена и до ОБСЕ, делегацијата на ЕУ во Р. Македонија, Амбасадата на САД во Р. Македонија.