Македонија Македонските амбасадори под притисок за случајот „Кежаровски“

Македонските амбасадори под притисок за случајот „Кежаровски“

Иницијативата за писмено обраќање до македонските амбасадори потекна од Меѓународната федерација на новинари

По повикот на Меѓународната федерација на новинари, новинарските здруженија и синдикати низ светот пишуваат писма до македонските амбасадори во нивните земји.

„Ако новинарите од Македонија ја оценат одлуката на Апелацискиот суд за случајот „Кежаровски“ како неправедна или дека се прекршени човекови права, Норвешкиот синдикат ќе побара од норвешката дипломатија да се вклучи и да го разгледа случајот“, кажала Ева Стабел, претставничката на Норвешкиот новинарски синдикат на македонскиот амбасадор во Осло – Енвер Абдулахи, пренесува „Призма“.

Иницијативата за писмено обраќање до македонските амбасадори потекна од Меѓународната федерација на новинари (МФН) и од Европската федерација на новинари (ЕФН), кои пред две седмици побараа од сите свои членки да испратат писма до македонските амбасадори во нивните земји, со порака за ослободување на Кежаровски.
Првото писмо од ЕФН беше пратено до македонскиот амбасадор во Европска Унија, Андреј Лепавцов. Во писмото на ЕФН пишува
„Длабоко сме разочарани што вашата Влада продолжува да ги занемарува основните меѓународни начела и вредности на независното новинарство и не прави ништо во насока на заштита на слободата на печатот, истражувачкото новинарство и слободата на изразувањето“.

Со писма до амбасадорите во нивните земји досега се обратија и Белгиската асоцијација на новинари и Српскиот новинарски синдикат.

Во контекст на меѓународниот притисок за ослободување на Кежаровски, се огласи и Организацијата на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕМО) со соопштение во кое ги повика властите во Македонија да ги отфрлат сите обвиненија против новинарот Томислав Кежаровски.