Македонија Маја Парнаџиева-Змејкова си поднесе оставка: не сум ладен бирократ

Маја Парнаџиева-Змејкова си поднесе оставка: не сум ладен бирократ

Маја Парнаџиева-Змејкова, директорка на Фондот за здравствено осигурување, денеска си поднесе оставка од функцијата. Таа оставката ја образложи дека е од човечки причини.

– Човек сум што сум воспитан да помогам на другите, а не сум ладен бирократ. Денеска објавувам дека од човечки причини решив да се повлечам од функцијата директор на ФЗОМ – изјави Змејкова.

Таа рече дека во нејзината кариера никогаш немала дамка во своето работење и изминативе две недели, покрај една лична семејна трагедија биле најтешкиот период во нејзиниот живот.

-Чекав да се добијат резултатите од судска медицина, за да се констатира причината за смртта, и да се види вистината за овој случај, кој заради се што се случи и пеколот низ кој поминувавме, но и напорите кои претходно ги правевме, а дел од јавноста не ги вреднуваше, сепак целиот мој живот ќе го носам со себе и покрај тоа што сум свесна дека се што можевме, се сторивме, буквално се. Уште еднаш ќе кажам, го разбирам гневот на луѓето, и јас бев гневна, бев буквално срозена. Ве молам овој и вакви случаи да не се политизираат, навистина нема нешто поболно од тоа да се гледа низ призма на политика на ова. Никој не сака вакви работи да се случуваат. Никој. И не е добро да се злоупотребуваат вакви моменти. На семејството им е најтешко и никој не ни може да ја претпостави нивната болка и нивниот гнев, и без разлика на исходов, нивната болка, но и нашата, на сите нас што сме некако инволвирани во ова, ќе продолжи. Длабоко жалам-истакна Змејкова.