Македонија Љупчо Коцевски ја презеде функцијата државен јавен обвинител

Љупчо Коцевски ја презеде функцијата државен јавен обвинител

Сметам дека транспарентноста ќе ја поттикне отчетноста, одговорноста и ефикасноста на јавните обвинители, што секако ќе ја подобри довербата во јавноста, изјави Коцевски

Фото: Собрание на РСМ

Љупчо Коцевски од денеска и официјално е новиот државен јавен обвинител, откако ја презеде должноста од досегашниот вршител на функцијата – јавната обвинителка Соња Симовска.

Коцевски и Симовска одржаа средба на која разговараа за актуелните состојби во Јавното обвинителство, како и за приоритетните активности во следниот период. Се зборуваше во насока на зајакнување на системот за борба против криминалот и корупцијата, јакнење на независноста на јавните обвинители, како и зголемување на отчетноста и транспарентноста на институцијата, соопшти прес-службата на обвинителството.

Коцевски пред да ја преземе функцијата, даде свечена изјава пред претседателот на Собранието Јован Митрески.

„Сметам дека транспарентноста ќе ја поттикне отчетноста, одговорноста и ефикасноста на јавните обвинители, што секако ќе ја подобри довербата во јавноста“, изјави Коцевски.

Тој е адвокат од 1995 година, а во 2008 е избран во Вишото обвинителство во Гостивар. Пред две години е унапреден во Републичкото обвинителство.

Претходниот државен обвинител, Љубомир Јовески, беше именуван на 25 декември 2017 година, а го наследи Марко Зврлевски, кој беше разрешен во август истата година.