Свет Либија стравува од џихадистичко сценарио како во Ирак

Либија стравува од џихадистичко сценарио како во Ирак

Либиската влада побара помош од другите земји за одбрана од напредувањето на екстремната џихадистичка организација Исламска држава и ги предупредила од опасноста на повторување на истото сценарио како во Ирак.

– На либиските градови им се заканува сè поголема опосност од оваа организација и ќе биде тешко да им се спротивставиме како во Ирак. Изненадени сме од тоа што меѓународната заедница не зазема цврст став за она што се случува во Либија – изјави премиерот Абдалах Тани на конференција за новинари.

Тани го повторил барањето за укинување на меѓународното ембарго на оружје, кое е на сила од 2011 година, кога од власт беше симнат долгогодишниот лидер Моамер Гадафи.

Премиерот на меѓународно признатата либиска влада објаснил дека во Либија е потребно оружје за да се поразат џихадистите од Исламска држава кои имаат заземено делови од Ирак и од Сирија.

ИД во Либија го зазела аеродромот во Сирт, родното место на Гадафи, источно од Триполи, откако минатата недела оттаму се повлекоа силите на либиската влада.