Македонија Лашкоска го искара Манчевски: Недолично е министер да дофрла на пратеници

Лашкоска го искара Манчевски: Недолично е министер да дофрла на пратеници

Остра расправија избувна на денешното второ продолжение на 17 седница на собраниската Комисија за транспорт и врски и екологија кога во расправата за 3-от и 4-от амандман за предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, пратеничката Лилјана Поповска од ДОМ реагираше зошто му се дозволува втора контрареплика на Благоја Деспотовски од ВМРО-ДПМНЕ.

– Не знам зошто се дозволува пак контрареплика кога секогаш сме работеле така. Првин збор, па реплика па контрареплика. Како може сега колегата да има контрареплика? – реагираше Поповска.

На тоа веднаш одговори Ане Лашкоска од ВМРО-ДПМНЕ, која ја води седницата како заменик-претседател на комисијата, велејќи дека и во оваа комисија и во други каде што таа е член никогаш немало ограничување на бројот на реплики и контрареплики.

Во тој момент министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски се вклучи во расправијата помеѓу членовите на комисијата од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, а новинарите, кои беа на другиот крај на салата не можеа јасно да слушнат што вели. Веднаш потоа Лашкоска рече дека ќе зборува процедурално и на министерот Манчевски му се обрати со остар тон, порачувајќи му да се воздржи од какви било коментари и дека не е долично за еден министер да им дофрла на пратеници во Собранието и дека нема да ги исплаши пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Дофрлањето на Манчевски беше тивко, а тој потоа во изјава за медиумите објасни што рекол.

– Министре, ќе Ве молам не дофрлајте. Ако мислите дека ќе не исплашите, нема. Не е во ред министер да им дофрла на пратеници на Собранието – рече Лашкоска.

Дебатата продолжи и понатаму, а откако беше прогласена пауза околу 12 часот, министерот за информатичко општество образложи дека не изрекол закана.

– Сега ќе цитирам точно што реков: Се сеќаваме сите како поминавте во времињата кога си реплициравте самите на себе, алудирајќи на петте месеци кога Собранието… државата, беше заробена со беспредметните меѓусебни реплики и контрареплики на пратениците од сегашната опозиција, кога не дозволуваа демократски трансфер на власта. Тоа е единствено нешто што кажав. А кој тоа го смета за закана, навистина не знам – одговори Манчевски на новинарско прашање.