Македонија Кривична пријава за негувателката што им давала на децата да пушат електронска...

Кривична пријава за негувателката што им давала на децата да пушат електронска цигара

Пријавената, вработена како негувателка во детска градинка „Димче Мирчев“ во Велес, овозможила на деца од градинката да користат електронска цигара

Image by Vasily Sukovatitsyn from Pixabay

Отсекот за економски криминал при СВР Велес поднесе кривична пријава против В.И.(38) од Велес поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење“ казниво по член 353 од Кривичниот законик. Пријавената, вработена како негувателка во детска градинка „Димче Мирчев“ во Велес, овозможила деца од градинката да користат електронска цигара.

Основното јавно обвинителство Велес пред извеcно време оформи предмет по допрен глас за да се проверат информациите согласно кои негувателка во детската градинка им давала да пушат електронска цигара на децата од нејзината група. Во Обвинителството информираа дека се преземаат и други дејства, а предметот засега е во фаза на предистрага.

„Во насока на испитување на евентуални основи на сомнение за кривично дело на запуштање и малтретирање дете, надлежен јавен обвинител издаде наредби и насоки до МВР за преземање на дејствија кои вклучуваат да се извршат разговори со лица (вработени и родители) кои би можеле да имаат определени сознанија за настанот“, наведено е во соопштението од Обвинителството.