Главна секција Коѕиас на Попоски му предложил усвојување мерки за градење доверба

Коѕиас на Попоски му предложил усвојување мерки за градење доверба

Шефот на македонската дипломатија, Никола Попоски, имаше средба со неговиот грчки колега, Никос Коѕиас, на маргините на неформалниот состанок на министри за надворешни работи на ЕУ во Рига. Ова е прва средба на Попоски и на Коѕиас по формирањето на новата влада на СИРИЗА. Двајцата министри разговарале за преговорите во рамки на Обединетите нации, нашето членство во ЕУ и во НАТО, а според грчките медиуми, Коѕиас „особено се осврнал на проблемот со иредентистичките тенденции“ на македонската влада.

„Коѕиас особено истакна дека е неопходно да постои владеење на правото, мирни меѓуетнички врски, регионална стабилност, почит на добрососедските односи и избегнување на иредентизмот“, се вели во соопштението од грчкото Министерство за надворешни работи.

Попоски бил „особено опоменат за проблемите со иредентизмот“.

„За да се справи со иредентистичката политика, Коѕиас му посочи на Попоски дека планира да предложи на Владата во соседната држава, усвојување мерки за градење доверба, како уште еден чекор на добра волја од грчка страна“, стои во соопштението.

Иако сè уште нема некои детали околу тоа какви би биле овие мерки, првите информации од Министерството беа дека се размислува во насока на мерки поврзани со училишните учебници и географските карти.