Македонија Ковачевски од Советот за безбедност: Најтешкиот период почнува од 1 октомври

Ковачевски од Советот за безбедност: Најтешкиот период почнува од 1 октомври

Фото: Сектор за односи со јавноста Генерален секретаријат

Премиерот Димитар Ковачевски по завршување на денешната седница на Советот за безбедност рече дека целта на Владата во престојниот период ќе биде да се подготват сите ресурси на државата за максимално производство на сопствена енергија.

Ковачевски посочи дека најтешкиот период почнува на 1 октовмри и ќе трае до април 2023 година па и понатаму, до почетокот на летото, а целта е на сите граѓани, ученици, студенти и бизниси да им се обезбеди најниска можна цена на струјата, како и снабдување со топлинска енергија по сегашната цена со задржување на евтината тарифа и 24-часовна достапност.

„Ова е ужасно тешка ситуација и немам намера тоа да го правдам. Оваа есен, зима, следната пролет се најтешки во повоената македонска држава и ние тоа ќе го пребродиме заедно. Планот е договорен, денеска презентиран и во претстојниот период, но и веќе се работи на негова реализација. Се работи и на нов енергетски план за следната пролет, како и на план за максимално зголемување на производството на храна“, рече премиерот.

Тој истакна дека за она што следува државата се подготвува и е подготвена и најави зголемување на домашното производство за 25 проценти и субвенционирање на цената на струјата за граѓаните.

„Планот за производство на ЕСМ, државната компанија за производство на електрична енергија оваа година ќе го зголемиме за 25 отсто. И реализацијата на планот ќе ја следиме секојдневно. Ќе го следиме спроведувањето на задачите кои се дадени на ЕСМ компанијата и тоа почнувањето со третиот блок во РЕК Битола, почетокот на работа на вториот котел на резервната ТЕЦ Неготино, работата на хидроцентралите и многу важно користењето на целиот потенцијал и ставање во функција на когенеративната гасна централа ТЕ-ТО во Скопје и пред се и за време и по грејната сезона како и користење на сите обновливи извори на енергија на сонце, ветер и вода“, рече Ковачевски.

Премиерот се осврна и на ризиците поради можни испади заради застареност на опремата во некои блокови кои се стари по 45 – 50 години, но и во однос на цените во светски рамки, евентуални забрани за извоз на природен гас и други суровини за производство на електрична енергија.

Премиерот апелираше да се престане со копањето на криптовалути, затоа што на тој начин се користи многу електрична енергија, субвенционирана од народот.

Претседателот на државата Стево Пендаровски нагласи дека го свикал Советот за безбедност зашто сметал дека е важно да се слушнат сите надлежни за темата што ги засега сите.

„Не е тајна дека не очекува тешка зима“, рече Пендаровски.