Македонија Котевски: Во МВР нема стигнато никаква пријава

Котевски: Во МВР нема стигнато никаква пријава

Во МВР не слушнале и не знаат ништо за денешната прес-конференција на лидерот на опозицијата, Зоран Заев, на која беа изнесени снимени материјали на политичари од опозицијата и од власта, вели портпарол на МВР, Иво Котевски, за „Нова ТВ“.

– Читав на агенциски вести, но не гледав и не слушав ништо бидејќи не бев поканет на прес-конференцијата – вели Котевски.

Тој нагласил дека тие имаат цврсти докази за шестмина осомничени во акцијата „Пуч“ и дека Заев е четвртиот осомничен. За сето она што го правеле, МВР прави сериозна истрага која мора да се спроведе до крај.

– Не знаеме дали тоа што е презентирано е некаков доказ. Во МВР нема стигнато никаква пријава. По сите наредби на Јавното обвинителство ќе постапуваме, вклучувајќи ја и прес-конференцијата на Заев, доколку тоа го побара од нас Обвинителството. Против Заев се води сериозен судски предмет, како четвртоосомничен, како и против другите петмина. Се води темелна истрага во која се товарат за најтешки дела против државата, за шпионажа и за насилство врз високи функционери. Обезбеден е дел од доказите против Заев и останатите осомничени и предадени се на Јавно обвинителство овие докази – вели Котевски.