Македонија Католиците го слават Велигден, честитка од претседателот Пендаровски

Католиците го слават Велигден, честитка од претседателот Пендаровски

Претседателот Стево Пендаровски, упати честитка до д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и епарх струмичко-скопски и до сите верници со поздравот – Христос воскресна!

Фото: Принтскрин, обраќање во живо на Пендаровски

Христијанските верници денеска го прославуваат големиот христијански празник Воскресение Христово -Велигден според Грегоријанскиот календар. Претседателот Стево Пендаровски, упати честитка до д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и епарх струмичко-скопски и до сите верници со поздравот – Христос воскресна! Во честитката Пендаровски пишува дека во овој поздрав е сублимирана сржта на христијанската вера дека Бог во Исус Христос целосно се поистовети со страдањата на луѓето, ја плати цената за отуѓеноста на човештвото и со тоа започна да го обновува светот.

„Иако не е лесно да се препознаат во време на кризи и на конфликти, сепак, контурите на оваа обнова се исцртани со секој чин на солидарност кон најранливите меѓу нас. Обновата е присутна во спротивставувањето на структурните причини за сиромаштијата, нееднаквоста и неправдата, во заложбите за мир, социјална правда и заштита на природата. Овие индивидуални и заеднички подвизи се слика за тоа какво може да ни биде општеството доколку добрината стане наша врвна вредност.

Нека овој празник нѐ поттикне, следејќи го Христовиот пример, активно да учествуваме во изградбата на праведно и хумано македонско општество со јасни морални вертикали, а со тоа и во обновата на надежта. Христос воскресна! Навистина воскресна!“, стои во честитката од Пендаровски.