Македонија Кабинет на Иванов: Селмани е погрешно информиран, сертификатите се за соработници

Кабинет на Иванов: Селмани е погрешно информиран, сертификатите се за соработници

Кабинетот на претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, испрати соопштение до јавноста во кое ги негира наводите што денеска ги кажа претседателот на Здружението на новинарите на Република Македонија (ЗНМ), Насер Селмани, дека кабинетот издавал безбедносни сертификати на новинари.

Во реакцијата се вели дека Селмани бил погрешно информиран.

„Во процесот на спроведување на итните реформски приоритети врзани за прашања за безбедноста, но и законската обврска на Претседателот на Република Македонија да ја донесе стратегијата за одбрана, Советот планира активности во кои сметаме дека треба да бидат вклучени и стручни лица – новинари. Согласно законските одредби за работа за класифицирани податоци, новинарите треба да имаат издаден безбедносен сертификат од надлежен државен орган, ДБКИ. Во планираните активности очекуваме од новинарите да дадат сугестии за начинот на информирање на јавноста за подигнување на свеста и безбедносната култура за работа со класифицирани информации заради постоење на висок ризик од генерирање лажни вести и планиран истек на информации, што врши ерозија на институциите“, се вели во реакцијата од кабинетот на Иванов.

Денеска на прес-конференцијата во ЗНМ Селмани рече дека кабинетот на Иванов, практично им ги врзал рацете на околу 20 новинари со тоа што им понудил да им се издадат безбедносни сертификати без тие да имаат можност да дознаат како тоа ќе се одрази на нивната работа.