Македонија Јанкулоска: Стотина македонски државјани се борат во Сирија и во Ирак

Јанкулоска: Стотина македонски државјани се борат во Сирија и во Ирак

Стотина македонски државјани се борат на боиштата во Сирија и во Ирак, од кои досега 15 и загинаа, соопшти денеска во Белград министерката за внатрешни работи на Македонија, Гордана Јанкулоска, во обраќањето на конференцијата „Превенција на радикализмот и борба против тероризмот на Балканскиот регион“.

– Денес, балканските земји, како и многу земји во светот, се соочуваат со зголемен ризик, поради актуелизацијата на т.н. феномен – странски борци. Сложеноста и специфичноста на овој феномен, кој ги поттикнува луѓето од регионот да се приклучат на терористичките и екстремни паравоени формации, ја наметнува потребата за негово откривање, за преземање соодветни превентивни активности и следствено на тоа – навремено следење на заканите од тероризам – рече Јанкулоска.

Министерката рече дека најмногу загрижува опасноста џихадистите по нивното враќање да бидат инволвирани во терористички активности во своите земји, во земјите на транзит или во трети земји.

– Соочени со овие безбедносни ризици, земјите од регионот, вклучувајќи ја и Република Македонија, постојано ги надградуваат своите нормативни и институционални капацитети и преземаат неопходни мерки за поголема контрола на границите, идентификација на потенцијални терористи и за прекин на нивното финансирање – истана Јанкулоска, притоа презентирајќи ги мерките што македонските власти ги преземаат за превенција на ваквиот феномен.